ВЕБИНАР СО ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ
Практични совети од Влатко Стефановски – македонски гитарист препознатлив по својот посебен стил на музика, смеса на традиционални македонски неправилни ритми и современ рок.
Практични совети од Влатко Стефановски – македонски гитарист препознатлив по својот посебен стил на музика, смеса на традиционални македонски неправилни ритми и современ рок.
Време траење на текстот: 8 минути
Изразуваме голема благодарност до почитуваниот Влатко Стефановски што учествуваше на вебинарот со тема: “Како да ја развивате сопствената исклучителност” и искрено ги сподели своите лични искуства со нашите талентирани натпреварувачи.
Влатко Стефановски е роден во Прилеп, актерско семејство а на гитара започна да свири на 13 годишна возраст. Пред да наполни 20 години го формираше бендот „Леб и сол“ (во кој настапуваа Бодан Арсовски, Никола Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан, Драгоjуб Ќуричиќ и Кирил Џајковски). Издаде 13 албуми и настапува ширум светот. На 13 јули 1985 година, Стефановски свиреше на соло гитара како изведувач од поранешна СФРЈ за поддршка на Боб Гелдоф, кој се бореше за човековите права во Африка и чие дејство кулминираше со концертот во живо. Во моментов повремено настапува со својата група VS Trio и во акустично партнерство со Мирослав Тадиќ или компонира музика за филм и театар.
Слика 1. Влатко Стефановски на вебинар со талентирани деца од МВГ Талент Шоу 2020
Дали постои формула како да се стане МАЈСТОР во било која област? Неговата гитара е негова енциклопедија и непресушен извор на бесконечни разговори. Заедно со овој исклучителен и голем човек, Влатко Стефановски се обидовме да внесеме ентузијазам и мотивација во животот на овие талентирани учесници. Преку креативен и интерактивен разговор дојдовме до неколку прекрасни сознанија и позитивни вибрации. А тоа изгледаше вака:
МВГ талент: Како да добиеш воља да учевствуваш на натпревари за да го докажеш својот талент?
СТЕФАНОВСКИ: Натпреварите како место за покажување на талентот за мене не се најдоброто место. Јас сум против тие натпреварувања. Зошто? Затоа што тие служат за пораст на суетата на жирито, служат како еден вид реалити шоу и циркус за забава на публиката.
Самото тоа што не е натпревар те ослободува од стрес. Ако мораш преку огромен стрес да го покажуваш својот талент тоа за мене е погрешна игра. Тие рабти се многу стресни и непотребни. Има многу други мегдани и места каде што можеш да го покажиш својот талент. А времето треба да се употреби во развивање на вашите способности. Треба да имате голема резерва спрема сите натпревари.
Во спортот постои натпревар но не и во уметноста. Во уметноста постојат емоции.
Стресот демотивира, опуштеноста мотивира, и ти дава инспирација.
МВГ талент: Како добивате мотивација кога компонирате? Како го правите тоа? Како компонирате?
СТЕФАНОВСКИ: Не постои рецепт за креативна работа. Односно постои само еден рецепт а тоа е макотрпна работа и упорност.
Понекогаш може да поминат месеци и месеци и ништо да не направам а понекогаш може да поминат три дена и да направам пет песни. Тој процес никогаш не можеш до крај да го разбереш, а во тоа е и неговиот шарм.
Слика 2. Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ
МВГ талент: Кога се спремате за настап како се справувате со чувството на трема и возбуденост? А кога немате трема кое чувство го добивате пред да излезете пред голема публика?
СТЕФАНОВСКИ: Има една доза на трема и возбуда, но за да ја победиш тремата треба да вежбаш. Тоа е најдобриот лек, треба да си во фокус. Тоа е дисциплина што се учи со тек на годините.
МВГ талент: Што ве мотивира да седнете и да компонирате?
СТЕФАНОВСКИ: Не чекам некоја посебна мотивација од надвор. Не чекам надворешна дразба, јас ги следам внатрешните импулси.
Наутро ја земам гитарата и гледам дали денеска има нешто за мене. Што таа ми нуди, првата средба со неа. Дали имам добиено писмо од подсвеста.
Наутро кога си сеуште сонлив и навечер пред заспивање тоа е креативното време. Кога си во полусвесна состојба. Ова е поради тоа што практичниот живот кој го живееме многу често ни го одзема тој фокус. Длабоко замислување и понирање во самиот себе. Во музиката се најважни емоциите.
Слика 3. Настап на Влатко Стефановски во Белград, Сава Центар, 2017
МВГ талент: Како добивате самодоверба?
СТЕФАНОВСКИ: Јас сеуште ја немам.
Човек треба да се охрабри и да направи нешто па макар и да згреши. Неколку пати кога ќе згрешиш, тоа се најголемите лекции и од нив можеш да извадиш многу поуки.
Мојата самодоверба ја црпам од тоа што знам дека сум уникатен. Двајца како мене нема.
Твојот талент, твоите очи, раце фризура се единствени во универзумот. Може да се поубави од моите и побогати но како мене не се. Со моите заблуди, години и таленти.
МВГ талент: На колку години го откривте својот талент а музика и дали имате и други таленти?
СТЕФАНОВСКИ: За музика почнав а се интересирам кога имав 13 години а во меѓувреме имав многу други интереси. Но музиката ги надмина сите нив.Музиката е магија и со тоа сакам да се занимавам.
МВГ талент: Што е тоа што ја подобрува исклучителоста, бидејќи ја поседуваме сите ние. Како да ја разбудиме таа исклучителност?
СТЕФАНОВСКИ: Не треба да ја будиме, веќе ја имаме. Секој има свој креативен потенцијал само треба да го препознае. Секој е гениј на некој начин.
Има уште една работа, материјализација на мислите а тоа е визуализирање на тоа што сакаш да биде. Ако визуализираш, замислуваш и мислите ги усмеруваш во тој правец тоа нема шанси да не се материјализира.
Јас сум восхитен од луѓе што се мајстори. Тоа што го прават со свои сопствени раце. Има една формула. Потребни се десет илјади часа за успех. Дали тие десет илјади часа ке ги развлечете во десет години или пак во три години зависи од вас.
Светот е станат, односно отсегогаш бил многу игнорантен и човек не треба да му се лути. Треба да најде некој скратен пат до својата реализација. А тој пат морате сами да го смислите.
Може некој да ве советува или помогне но вие сами треба да го откриете. Тој е како лавиринт.
МВГ талент: Дали вие сте имале идол и дали сметате дека треба да се има идол?
СТЕФАНОВСКИ: Јас сметам дека добро е да се имаат идоли. Да имаш некој што те мотивира и ти дава инспирација.
Дискусијата може да ја заокружиме со многу битна порака а тоа е не треба многу за да се биде среќен. Кој не знае да ужива во малите работи никогаш нема да доживее успех. Хистерично трчање по успехот е губење време и губење на себеси.