ВЕБИНАР СО ДР. ПАНЧЕ НАУМОВ

КАКО ДА РАЗВИВАТЕ НАТПРЕВАРУВАЧКИ СПОСОБНОСТИ
Практични совети од Д-р Панче Наумов – професор на Универзитетот во Њу Јорк (New York University), а од пред три години и професор на Институтот Редклиф за напредни науки на Универзитетот Харвард

Време траење на текстот: 8 минути

Изразуваме голема благодарност до почитуваниот Др. Панче Наумов кој директно од Абу Даби се вклучи на нашиот прв вебинар: “Како да ги развиеш своите натреварувачки способности” во програмот “Мали и возрасни Генијалци” и искрено ги сподели своите лични искуства со нашите талентирани натпреварувачи.

Д-р Панче Наумов е професор на Универзитетот во Њу Јорк (New York University), а од пред три години и на Институтот Редклиф за напредни науки на Универзитетот Харвард. Како професор на Универзитетот во Њу Јорк е основач на Одделот за хемија на дисперзираниот огранок на овој универзитет во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Истовремено е и насловен вонреден професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од ОАЕ оваа година добил престижна награда која се нарекува “Златна Виза”, посебен статус за специјален придонес кон државата во која што живее и работи, и со својот тим од 11 научници работи на стабилизација на потенцијални вакцини против вирусот COVID-19. Помеѓу другите добитници на оваа награда од други области, како што е спортот, се истакнати меѓународни спортисти како Новак Ѓоковиќ и Кристијано Роналдо.

Слика 1. Др. Панче Наумов на чело на тимот кој развива вакцина против Ковид-19 во ОАЕ

Разговаравме на тема: “Како да ги развиете натпреварувачките способности”. Што е поважно: Да се натпреваруваме самите со себе, или да се натпреваруваме сами наспроти другите? Дали во едниот случај сме губитници, а во другиот победници?

Нашиот одговор за вас би бил: Ниту во еден од случаите не би биле губитници. Се прашуватезошто? Можеби затоа што натпреварувајќи се сами со себе никогаш нема да изгубиме, но можеме да растеме и да се подобруваме себеси, а натпреварувајќи се сам наспроти другите, секогаш ни дава можност да научиме нешто повеќе дури и ако не победиме.

ДР. НАУМОВ прашува еден од талентираните учесници: Дали натпреварувачите ќе те направат да си подобра?

Талентирана учесничка: Натпреварувачите ме прават подобра, затоа што од нив учам за тоа како некој го направил нештото, зошто го направил и како стигнал до таму каде што стигнал.

ДР. НАУМОВ: Колку веруваш дека победниците никогаш не се откажуваат, a дека откажувачите никогаш не победуваат?

Талентирана учесничка: За да бидеш победник, најпрво треба да имаш своја визија и свое мото. Треба да си велиш во самата свест дека ќе одиш кон целта без разлика за тешкотиите кои можат да се случат на тој пат. И што е најважно, нашата потсвест ќе се труди да вроди со плод и ќе ни даде одговор за тоа како да стигнеме до успехот.

Д-Р НАУМОВ: Понекогаш доаѓаат моменти кога помислуваме да се откажеме од нешто. Важно е да се размисли за тоа многу подробно во други услови, откако ќе се одморите, во друга ситуација, порелаксирано, и тогаш работите многу изгледаат покристално. Утрото е помудро од ноќта. Понекогаш треба да се свртите кон минатото, без емоции и да донесете заклучок. Емоциите треба да научиме да ги препознаваме и да ги контролираме, а воедно да ги насочиме кон позитива, за да не делуваат деструктивно на нас и на нашата околина.

Слика 2. Др. Панче Наумов со тимот на својата лабораторија за умни материјали (Smart Materials Lab)

МВГ: Дали може да научиме како да ја сакаме лудата возбуда кога се натпреваруваме?

ДР. НАУМОВ: Да, може да се научи, бидејќи кога се натпреваруваме мислиме само на натпреварувањето. А кога натпреварувањето ќе заврши – чувствуваме едно чувство на среќа бидејќи натпреварот помина и сега не ни е толку важно дали ќе победиме, туку ни е важно да се соочиме со тоа што го направивме на натпреварот.

Кога се натпреварувате, ако тој натпревар го канализирате такашто да продуцира креативност кај вас, а не деструктивност, да ве направи подобар на некој начин, добивате многу повеќе од тој натпревар. Останувате побогати со едно искуство. И не само што имате и едно сеќавање, туку нешто и сте научиле во тој процес.

МВГ: Дали е поважно возрасните да те пофалат кога ќе завршиш некоја напорна работа, или фалењето е важно за секој твој покажан интерес?

Талентирана учесничка: Тоа фалење треба да биде до некоја мера, за да не предизвика кај нас вообразеност. Фалењето е важно за нас. На пример кога нашите родители ќе кажат нешто убаво за нешто за кое ние сме се обиделе да го направиме, тоа нас не мотивира за наредниот пат уште поубаво да го направиме.

Д-Р НАУМОВ: Ако работите на тоа да постигнете резултати, а во меѓувреме добиeте и пофалба, значи сте го постигнале максимумот.

МВГ: Кога е потребно, дали се фокусираш да ги завршиш вистинските обврски или тогаш те фаќа чувство на напнатост и почнуваш со завршување на помалку важни задачи?

Талентирана учесничка: Многу ми е важно да ги завршам најпрво најважните обврски што ќе ми помогнат, а секако не ги заборавам и помалку важните обврски затоа што сметам дека и тие се клуч до отварање на нови врати. Не се плашам од обрски и сметам дека ако нема обврски, се е губење на време.

Д-Р НАУМОВ: Она што не треба да заборавиме е дека сите тие големи задачи се состојат од помали задачи. За да стигнеме до некоја цел ние завршуваме задачи коишто можеби ни изгледаат помалку важни, дури и тривијално. Меѓутоа, важно е дека без да се завршат тие помали задачи, не може да се стигне до поголемата цел.

Во науката се многу важни деталите. Но во секоја професија треба да постои баланс помеѓу тоа, деталите се важни и треба да се внимава, но истовремено треба и да не се загуби големата слика, т.е. големата цел.

МВГ: Кога ти е потребна помош, дали се срамиш да ја побараш?

Талентиран учесник: Не треба да ни биде срам да побараме помош, но природно е некогаш да се засрамиме. Не знам зошто е тоа така, но тоа чувство постои.
Д-Р НАУМОВ: Воопшто не треба да се срамиме да побараме помош затоа што, како прво – човечки е да се побара помош и како второ, можете да научите од искуството на некој друг. Чувството на срам потекнува од самите нас или од некое наше исксуство. Природно е да се срамиме, но не е добро тоа да не спречува да напредуваме.

МВГ: Дали сакате да анализирате и имате свој критички став за нештата што ги зборувате?

Талентиран учесник: Премногу анализа води кон неуспех , затоа што кога анализираме го губиме времето кое може да се искористи за нешто поуспешно. Да имаме критика е добро но во одредена мера, бидејќи какви ни се мислите – таков ни е животот.
Голема критика е губење на време, а мала критика е корисна да ја имаме.

Д-Р НАУМОВ: Ако анализираме, треба да научиме нешто од таа анализа. Дали треба да имаме критички став? Да, треба да имаме критички став, но да не биде во преголема мера затоа што може да резултира во несигурност за тоа што го зборуваме. Постојат конструктивни и добронамерни критики, но постојат и деструктивни критики. Тоа во голема мера зависи од луѓето што ни ги упатуваат.

Не плашете се да го градите сопствениот став и да го искажете во соодветна прилика.

Др. Панче Наумов ја заокружи дискусијата со најбитната порака: Верувајте во себе и во своите способности! Продожете да се натпреварувате самите со себе, бидете љубопитни и работете на тоа да се усовршите себе си.