ДАЛИ ВАШЕТО ДЕТЕ ПОСЕДУВА ЕМОЦИОНАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА?

Што вели Даниел Големан за особините кои треба да ги барате и развивате

Пишуваше: Ивана Димитрова
Време траење на текстот: 7 минути
Јуни 2021

Честопати на родителите, семејните психолози им ја потенцираат важноста за учењето на емоционална интелигенција кај децата. Истражувањата покажуваат дека некои вештини можат да бидат силен предвидувач за успех во врските, здравјето и квалитетот на животот. Едно истражување дошло до заклучок дека децата со висока емоционална интелигенција имаат подобри оценки, остануваат подолго во училиште и во целост, донесуваат поздрави и подобри одлуки.

Според Даниел Големан, еден од првите луѓе кои ја подигаат свеста за развој на емоционалната интелигенција и автор на “Emotional Intelligence: Why It Can Matter More Than IQ,” вели дека овој сет на вештини може да се сведе на пет основни компоненти.

Овде може да ги видите сите, да препознаете на што треба вашето дете најмногу да работи и дадени примери како да го работи истото:

САМОСВЕСНОСТ

Зошто е важна: Самосвеснота ни помага да разбереме како нашите постапки се перцепирани од другите, да знаеме како да ги покажеме нашите силни страни (но и кога да попуштиме) и како да ги откриеме нештата на кои им треба подобрување.

Знаци дека вашето дете е самосвесно:

  • Ги препознава и разбира своите слаби и силни страни.
  • Има висока самодоверба и не се плаши да зборува за она што му е потребно.
  • Тоа знае дека начинот на кој се гледа себе си можеби не е истиот како начинот на кој го гледаат другите.

Како да го научите на самосвесност?

Зборувајте за емоции. За едно дете може да биде предизвик да зборува за своите емоции, доколку не може да ги пронајде правите зборови. Иницирајте разговори за нивните чувства, како и за чувствата на други луѓе. Користете придавки за клучни зборови како што се “тажен“, “вознемирен“, “разочаран“…

Повратни зборови. Кога зборувате со вашето дете на што треба повеќе да работи, бидете внимателни со изборот на зборови. Премногу сурови зборови можат лесно да го обесхрабрат детето.

Покажете интерес. За да им ја зајакнете самодовербата на децата, покажете им дека се грижите за нивните чувства и дека тоа што имаат да ви го кажат, е важно.

САМОКОНТРОЛА

Зошто е важна? И покрај непредвидливоста на светот и емоциите, самоконтролата ни помага нашето однесување да го насочиме кон нашите цели.

Може ли вашето дете да се самоконтролира?

  • Детето може да ги контролира своите емоции и однесување, во зависност од барањата во одредена ситуација.
  • Кога ќе се чуствува фрустрирано може самото да се смири, наместо да има некои силни испади со нервоза.
  • Знае кога да запре и да се врати чекор назад, за да избегне некоја одлука за која подоцна ќе зажали.

Како да го научите на самоконтрола?

Бидете директни. Кога е потребна емоционална контрола, воздржете се од некои фрази како “Исфрли го тоа од себе“, или реторички прашања како “Зошто мора секогаш да постапуваш така?“, затоа што поголема е веројатноста да бидете игнорирани или погрешно разбрaни. Наместо тоа, бидете посмирени и користете смирувачки тон и говор на тело.

Зборувајте за начините на справување. Можеби на вашето дете сакате да му кажете како точно да се справи со некоја стресна ситуација. Но исто така за детето е важно да смисли свои начини со кои ќе се справува, па и ако не секогаш се правилни.
Креирајте дневни рутини. Одржувањето постојаност во секојдневниот живот е клучот за развивање на самоконтрола. Исто така, самоконтролата помага да се изгради структура, значење и цел во тоа што се работи.

МОТИВАЦИЈА

Зошто е важна? Мотивацијата го зголемува нашиот напор, ни помага да превземеме акција и да бидеме попродуктивни. И што е поважно, тоа е она што не води да се соочиме кон големи предизвици.

Дали вашето дете е мотивирано?

  • Не се откажува од целта што му е важна.
  • Тоа е љубопитно, желно да научи и не се плаши да поставува прашања.
  • Наместо да се чуствува обесхрабрено, тоа учи од своите грешки и ги применува лекциите за идни проблеми.

Како да се зголеми мотивацијата:

Споделете ентузијазам. Возбудата се пренесува, па ако вашето дете види дека вие сте искрено ентузијастички настроени кон нештото, тоа ќе се чувстува помотивирано.
Создадете околина што го поддржува. Не мора да целите кон совршенство или секогаш да барате виновник, потрудете се да имате повеќе трпение.

Помогнете му да се соочи со тешкотиите: Дозволете му на вашето дете да донесува свои одлуки и да се соочи со природните последици. Тогаш навистина ќе порасне и ќе научи да донесува попаметни одлуки.

ЕМПАТИЈА

Зошто е важна? Да се биде емпатичен не значи само да се разбираат емоциите на другите. Емпатијата е и способноста да се изрази чуствителност кон истите. Децата кои искусуваат емпатија полесно ја пренесуваат кон другите.

Дали вашето дете има емпатија?

  • Работи добро во тимови и може да издржи некој заеднички предизвик.
  • Тоа е способно емоционално да се поврзе со другите и е внимателно за емоциите на другите луѓе.
  • Вложува напор да ги разбере работите од нечија друга перспектива.

Како да го научите за емпатија?

Слушајте активно. Еден од најефикасните начини да се научи емпатијата е да ја покажете Вие самите. Одржувајте контакт со очите и дозволете детето да си ја дозаврши мислата, пред да почнете со вашата.

Споделете ги вашите емоции. Не го ставајте целото внимание на вашето дете. Создадете околина во која и вие ќе споделувате чуства за таква слична ситуација.

Зборувајте и за други перспективи. Ова ќе му помогне на вашето дете да избега од честата навика да се грижи само за своите мисли и чувства.

СОЦИЈАЛНИ ВЕШТИНИ

Зошто се важни? Социјалните вештини се важен дел од функционирањето во опшеството. Истите ни помагаат да создадеме здрава и позитивна поврзаност во личниот и професионалниот живот.

Дали вашето дете поседува социјални вештини?

  • Покажува добри манири и добро комуницира со другите.
  • Покажува внимание за чувствата и интересите на своите пријатели, семејство и врсници.
  • Може да ги изрази своите чувства јасно, смирено и со почит.

Како да учите социјални вештини?

Охрабрувајте нови искуства. Можеби на почеток ќе се чуствува неудобно, но вашето дете може да ги засака истите. (а во меѓувреме да научи нови работи за себе).

Дискутирајте за тоа што се очекува. За да им помогнете да се вклучат со позитивно однесување, потсетете ги што да очекуваат во дадена ситуација и на различните начини на кои би можеле да одговорат.

Истакнете го говорот на телото. Ова е ефикасен начин за зајакнување на социјалните вештини, затоа што луѓето не секогаш ги изразуваат своите чувства вербално.

Значи, за да успее едно дете да порасне во еден добар, успешен интелектуалец и корисен граѓанин за своето општество, пред се, потребно е правилно да ги развие своите емоции. Да биде на јасно со она што го чувствува, она што го сака и бара од животот. Не може да расте само физички, додека емоционално заостанува. Затоа е потребен развојот на емоционалната интелигенција.

Превземено од: cnbc.com