ЈАЗИКОТ НА ДУШАТА

„Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира“, вели Андреевски за својот народ. Јас би рекла – и за нашата душа и мисла.

Автор на текстов: Ивана Димитрова, блогер во Мали и Возрасни Генијалци
Времетраење на текст 3 минути

„Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира“, вели Андреевски за својот народ. Јас би рекла – и за нашата душа и мисла. Цврсто верувам дека кога на светов нема да остане ни тронка прашина, човековите души како невидливи облаци ќе лебдат низ воздухот. Како доказ за нашето постоење.

Понекогаш сакам да се изгубам во дадениот лавиринт со прилики и неприлики. Да побегнам далеку од реалноста, каде што можам слободно да дишам. Крвта ми врие во жиливе, желби ми испаруваат од кожава. И се прашувам каде ли ќе завршам! Има некој глас во мене што постојано зборува. Се плашам дека ќе останам нема. Ќе останам заробена засекогаш. Упорно барам начин да одговорам на јазикот на кој ми се обраќа. И со уште поголема упорност бегам од истиот.

Ох, колку сакам да престане понекогаш. И нека биде за секунда или две, само нека запре. Да можам да се одморам од сопствените мисли. Па кога за момент ќе престане да зборува и да размислува, одвојувам насмевка, за таа тишина. Тоа се моменти кога стравот не постои, кога секој јазик е разбирлив, особено оној во нас самите.

Па се прашувам: Каде ли погрешив? Колку време ми треба да се соочам со самата себе. Да можам да си ја откријам душата и таа конечно да види сонце. Да ја допрам како што и таа допира до мене. А ми се јавува, ми зборува и на полноќ, и на пладне, и на сон и на јаве. Се вртиме во круг. Или јас зборувам или таа. Минуваат денови и месеци додека се сретнеме. И тогаш водиме некоја конверзација без длабока поента, плитка како најдлабокиот океан. Понекогаш ми вели да продолжам, да не запирам. Па играме некој вид криенка без крај. До денот кога ќе сфатам дека тоа сум самата јас. И дека бегам само за да не се изгубам во преводот на она што јас сакам да го кажам. Што ако разберам погрешно? Што ако нешто тргне наопаку само затоа што не се имам сфатено правилно, самата себе?Постои ли некоја равенка за тоа?

Не сакам да завршам како старица со мал број фотографии и моменти за паметење, само затоа што не си ја разбрав душата. И тоа што таа го посакува. А пред сè, и после сè, „блазе речи на душата – има зошто душа да е“, како што ќе каже Рацин во „Татунчо“.
Јазикот на душата се емоциите. Велам да им дадеме шанса и да ги слушнеме, за момент или два. И да си помогнеме меѓусебно, во случај некој да не се разбира целосно. Сметам дека денот кога ќе најдеш заеднички јазик со самиот себе е денот кога повторно ќе се родиш.