НИ ТРЕБА ЧУДО ИЛИ НАУКА ЗА ДА ЈА СПАСИМЕ ПЛАНЕТАТА?

Ќе настане хаос. Хаос кој не може да се исконтролира од ниту една светска сила. Ќе се крева прашина од патиштата исполнети со овенати цвеќиња.

Ќе настане хаос. Хаос кој не може да се исконтролира од ниту една светска сила. Ќе се крева прашина од патиштата исполнети со овенати цвеќиња. Океаните и морињата ќе останат празни, згаснати како никогаш до сега. Тивки, без живот. И нивната длабочина нема да може да се достигне никогаш. Затоа што од ден на ден самите ние тонеме кон јадрото на Земјата, благодарение на нашите навики за живеење.

Целиов хаос отиде предалеку, луѓе. Ох колку сакам да зборувам за тоа каде сме заклучени во моментов, но можеби немам доволно храброст. Или можеби вие нема да сте доволно храбри за да ми одговорите. А не сме слепи, ниту неми, само изгубени во слепилото на големите лидери. Ќе се сетиме некој ден, кога ни птиците нема да запеат. И не зборувам овде за политика, далечна нека е. Ви зборувам за менталитетот на луѓето. Сегмент кој не може да се исклучи од ниту една дискусија.

КАДЕ ЛИ СЕ ДВИЖИ ЧОВЕШТВОТО?

Живееме во трка со времето од која може да излезе само еден победник. Токму тоа и се случува. Тоа и се обидува да ни го каже Земјата. Растопени ледници кои плачат додека поплавуваат, дрвја што горат врескајќи, безброј животни кои молат за живеалиште – зарем не се доволна причина да се зборува за глобалното затоплување и промена на климата? Уште колку екстремно топли лета треба да поминат? Уште колку животи треба да згаснат?

Зарем не е време да се стиши тој хаос? Планетата конечно го вклучи својот аларм погласно, овој пат сите да слушнат. Патем планетата си е во ред. Луѓето не се! Планетата не оди никаде. Ние си заминуваме.

И што ќе остане од нас? Прашина од некои неисполнети соништа на млади луѓе и идеали за подобро утре, за поздраво живеење. Празни зборови и ветувања. Недовршена приказна на еден народ кој не бил доволно храбар да проба уште еднаш и уште еднаш… сè додека не се спаси себеси и своето живеалиште. Недопрени предмети без душа и души коишто ни црвите нема да ги поднесат. И една вечна дилема: сега или никогаш? Во ова време, кога страв и паника струи низ воздухот, одеднаш сè изгледа неизбежно, сè изгледа толку блиску.

Никогаш го немам видено мојот град толку празен и осамен. Клупите во паркот шепотат за не така дамнешните љубовни приказни. Лулашките едвај се слушаат, само онолку колку што ветрот ќе им дозволи. А сè ќе се уништи, како никогаш да не постоело. И нема да се знае дали е минато или иднина.

Па со кого, бре луѓе, водиме војна? Со самите нас? Ете, така, меѓусебно ќе се убиеме, зашто не останавме достојни ниту на подарениот живот, ниту на незаслужената правдина. И сега Земјата ни враќа. Па нека за миг запре времето, за миг да си замине стравот и да се појави храброста. А ќе запре тогаш кога ќе се загушиме поради недоволниот кислород. Белите дробови ќе ни останат празни, зашто оние на Земјата се веќе изгорени до корен. Ќе запре кога нема да изустиме ниту збор, а нашите очи бездушно ќе бараат вода. Ни треба чудо!

Размислувам со ширум отворени очи. Па што мислите вие, дека ќе сме овде вечно? И дека може да се однесуваме како што ќе посакаме? Затоа сме таму каде што сме. И затоа ќе остане само знаењето за нашето незнаење. Со очи отворени можеби почесто ќе ја сопираме водата, можеби отпадот нема да биде показател за нашите траги. Научниците и докторите можеби ќе имаат лек за сите болести. Можеби нема да бидеме толку себични и неразумни. Ќе научиме да ги цениме работите пред да биде премногу доцна. Ајде да бидеме попаметни од тоа „можеби“. Ни треба наука!

Ајде да се разбудиме заедно со природата и да покажеме дека кога науката и некое чудо ќе се поврзат, се буди свеста кај луѓето. А тоа е она што ни е потребно.

Како што се зголемува нивото на водата во океаните, нека се зголемат нашите погледи кон светот. Како што горат шумите, нека гори во нас желбата за спасение. Како што умираат луѓето, нека умира неодговорноста во сите нас. Тоа би било чудо, тоа би било наука. Во спротивно, ќе бидеме „уште една неуспешна мутација, уште една отстранета биолошка грешка“.