СЕ ПЛАШИТЕ ЛИ ОД ТЕМНИНАТА?

Не мислам дека темнината е толку лошо место. Па работите се скоро речиси исти… Освен душата на човекот.

Не мислам дека темнината е толку лошо место. Па работите се скоро речиси исти… Освен душата на човекот. Најголемата катастрофа е срцето да ти го облеат темни облаци и душата да ти се исполни со морничави мисли. Токму тоа е иронијата на нашата генерација. Го сакаме денот, а уживаме под ѕвездениот блесок.

Нашиот ум е кодиран да размислува дека после секој дожд доаѓа сонце. Што ќе се случи доколку тие зраци останат заробени помеѓу облаците? Сѐ уште ли ќе се надеваме на светлина? Или пак ќе живееме во сегашноста на болката, нетрпението и неправдината, продолжувајќи да се губиме во спомени од минатото и желби за иднината.

Не учат дека светлината е најдобра, најпосакувана, без никој да не предупреди за темнината. Затоа што никој не сака да зборува за црнилото и кога истото ќе дојде неочекувано, ќе си го направи своето. Не учат дека не треба да се плашиме од ништо, дека ризикот е предуслов за победа и успех. Стравот го опишуваат како минлив ефект, моментално чувство на немоќ.

А дали си подготвен да живееш во темнина? Изгледа многу парадоксално, а сепак толку реално. Голем дел од луѓето живеат со стегнати срца каде што не продираат ни најсилните зраци… Дали си подготвен да те лазат морници додека размислуваш за некои работи? Да слушаш разни шепкања низ улицата, без да определиш од каде доаѓаат. Да ти се заледи крвта на еден момент и така неподвижен да останеш заробен во темнината на ноќта. А месечината тивко и иронично да се подсмевнува на твојата несреќа и патење, (не)способна да стори ништо. Врескаш во себе, без никој да може да те ослободи од твоите невидливи синџири. Од твоите чувства, неизговорени зборови и недовршени приказни. Од твојата надеж за подобро утре и твојата желба за исполнет живот. Па така сам се справуваш со некои демони во твојата глава, кои вистински можеби и не постојат. Но дали тоа значи дека она што не можеме да го видиме – не постои? И така со крвави раце удираш по самиот себе, преколнувајќи се. Не можејќи да пронајдеш тронка светлина, се гушиш во сопствените крв и солзи. Паѓаш на колена и одеднаш стануваш имун на таа физичка болка, зашто веќе и темнината станува забавна.

А подоцна секоја единствена модринка по твоето тело, ќе те потсетува на тој мрачен период во твојот ум. Но штом веќе си стигнал дотаму, значи си се ослободил од работите кои те прогонуваат и изгледаат како магија која не треба да постои и како волшебник кој те залажува. За да излезеш од таа темница потребна е упорност и храброст. Со тоа стануваш имун и на стравот, а кога повторно ќе се појави можеби нема да предизвика голема бура. Но можеби стануваме безстрашни само кога не можеме да ги видиме опасностите кои светот ги распостила пред нас.

И за стотици, илјадници години, кога тлото под нозете можеби нема да постои, кога нема да остане ниту тронка од нашите домови и кога нашите души ќе се претворат во прашина, движејќи се со ветрот на минатото, повторно ќе те прашам, се плашиш ли од темнината?